More Website Templates @ TemplateMonster.com. Zerotheme.com!

За нас

Здружението на граѓани „Универзитетот Трето доба-Скопје“ е автономна, базирана на самопомош граѓанска организација, која преку едукативни, културни, работни и забавни активности ги оживотворува принципите на доживотното учење и активната партиципација на нејзините членови во општеството.

Здружението работи исклучиво на волонтерска основа и се потпира на напорот на неговите членови да создадат амбиент на соработка, дружење, учење и размена на искуства со луѓето кои сакаат преку доживотното учење, да создадат можности за активен и достоинствен живот во трето доба.

Здружението на граѓани „Универзитетот“ Трето доба-Скопје е основа по иницијативата на Националниот центар за континуирано образование за социјален развој при Физолофскиот факултет-Скопје и Активот на пензионираните просветни работници при Домот на просветните работници-Скопје во 1999 година.

Нашиот тим

м-р Томислав Димишковски
Претседател на Здружението. Биографија.

Христо Ловачев
Менаџер на Здружението. Биографија

Цели на Здружението

Основни цели на Здружението се:

  • да се охрабрат возрасните луѓе да си помагаат едни со други, да стекнуваат и разменуваат знаења, вештини, искуства и интереси, и да трасираат и откриваат нови хоризонти преку учење низ целиот живот;
  • да се поттикнува задоволството и бенефитите од повторното активирање и ангажирање, како и да се користат капацитетите и потенцијалите на постарите луѓе и нивната вредност за општеството;
  • да ги следиме новините на современиот живот, да не заостануваме да не прегази времето;
  • да се охрабри инсталирањето на „Универзитетот Трето доба“ во секој дел на нашата земја, каде за тоа има интерес и услови.
  • Форми и содржини на постојани активности

    Помеѓу основните форми и содржини изразени како постојани активности ги издвојуваме:

  • секој вторник - кафе средба во Домот на АРМ или друго место по договор;
  • секоја среда - рекреативни прошетки и дружење во Градскиот парк и други рекреативни зони, според местото на живеење;
  • секој петок - наставна програма за доживотно учење, превентивна здравствена заштита, физичко и ментално здравје, правилна исхрана;
  • курс по англиски јазик;
  • курс по компјутери;
  • курс за модерни танци;
  • семинари - за обука на волонтери, за обука на одредени творечки самодејности, активности и вештини, занаети и ракотворби;
  • редовни активности поврзани со културата и уметноста - посети на музеи, изложби, промоции, концерти, балетски, оперски, театарски и кино претстави;
  • туристичка култура во трето доба - екскурзии, научни патувања, посети на рурални центри;
  • повремени активности - за рекреација и забава, хуманитарни акции и сл.
  • Досегашни согледувања на позитивната улога на Скопје

    Исконска желба на секој човек е успешно да го мине животот во детството, активниот работен век и среќно да го доживее пензионирањето, а потоа да заплови во мирните води на живот во трето доба.

    Вековната мудрост човекот да учи додека е жив, сега преточен во доживотното учење - нова движечка сила на современиот свет. Активниот живот и доживотно учење е култура на живеење, ја обликува личноста, ја зајакнува самодовербата, ги прави луѓето духовно и морално посилни и поотпорни, го подобрува општото здравје, психичката состојба. Тоа е право на сите, но го користат само тие што се свесни за тоа.

    Научивме да го живееме животот на нашето доба, не како носталгија за минатото, туку како реалност.

    Да се грижиме за нашиот изглед! Не за да стекнеме нечија симпатија, туку заради мисијата на убавото, заради стремежот постојано да зрачиме со позитивна енергија и да примаме таква од другите.

    Стекнавме култура за активен живот, желба за посета на концерти, изложби, патувања, научивме да го живееме животот и за себе, да го исполнуваме секој ден со оптимизам, со љубов кон убавините на животот, кон луѓето.

    Да ја афирмираме својата личност, своите квалитети и вредности, пред себе, во семејството и пошироко, постојано да си поставуваме определени цели и да се стремиме истите да ги постигнеме, да бидеме независни и способни самите да се грижиме за себе, да го отфрлиме чувството на некорисност и отфрленост.

    Ние сме свесни дека не можеме да го запреме биолошкиот процес на стареењето, како процес на промените на клетките, ткивата и органите, но можеме тој процес да го направиме поподнослив.

    Интелектуалната и физичката моќ не слабее со возраста, туку поради намалената активност.

    Декаденцијата на животот започнува кога ќе не совлада стравот: што ме чека, место амбицијата: што можам уште да создадам.

    Ако ја заборавиме, занемариме или загубиме способноста и интересот за активен живот, готови сме! Неактивноста и затвореноста во себе води кон атрофија, сенилност и депресија.

    Секое доба има специфична убавина, чиј интензитет зависи од многу околности, меѓу кои секако спаѓаат самоиницијативноста, самопочитта и самоорганизираноста.

    Само здрав човек може да биде активен, но само активниот може да биде здрав и витален.

    Тоа е филозофијата на третото доба. Среќата најмногу се чувствува кога имаш со кого да ја споделиш.

    Доживотното учење за активен и достоен живот во трето доба, преку облиците на делување во „Универзитетот“ Трето доба-Скопје се потврди како многу погодна форма на делување на лицата од оваа возраст, како позитивен општествен тренд за замена на пасивноста и депресијата со активен, содржајно осмислен, достоинствен живот во трето доба.